Вечерва (3 јуни) во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ќе се отвори изложбата „Во потрага по нешто“ на реномираниот британски уметник Ричард Дикон, добитник на Тарнеровата награда во 1987 и претставник на Велс на Венециското биенале во 2007.
„Дикон е скулптор чија повеќедецениска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција“, велат од Британскиот совет во Македонија.
Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии „UV84DC“ (UW84DC), „Во шумата (Дух, Мечка, Мала мечка, Лилјак и Ѕвер“ (In the Woods – Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast), „Одење“ (Tread) и „Сочинето од ова“ (Made of This), создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата Ноутс на „ајфон“.
Дикон е роден во 1949 во Бангор, Велс, а живее и работи во Лондон. Дипломирал на уметничкото училиште „Сент Мартинс“ во Лондон и магистрирал на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон. Од 1981 учествувал на бројни значајни групни изложби ширум светот. Во 1998 беше избран за член на Кралската академија, а во 2010 за член на Академијата за уметност во Берлин. Титулата Витез на уметноста и книжевноста во Франција му беше доделена во 1997.