Тимот на серијата „Љубовната приказна на Џон Ф. Кенеди Џуниор и Каролин Бесет“ долго време не можел да ги најде соодветните актери за главните улоги, особено за ликот на Кенеди. Серијата е во продукција на „Еф-Икс“ (FX) и Рајан Марфи, кој е автор на серии како „Американска хорор приказна“ и „Гли“. Главните улоги ги играат Пол Ентони Кели и Сара Пиџон. Инспирирана е од книга на Елизабет Белер.
Џон Кенеди Џуниор, Каролин и нејзината сестра Лорен Бесет загинаа во авионска несреќа на 16 јули 1999.
„Не бевме сигурни дали да го одложиме снимањето затоа што го немавме најдено главниот лик до три недели пред почетокот на снимањето“, вели извршната продуцентка Нина Џејкобсон.

Првично, тимот мислел дека улогата на Каролин ќе биде потешка за пополнување, но Пиџон речиси веднаш се истакнала на аудициите.
„Каролин имаше поконкретен изглед од Џон, па претпоставувавме дека ќе биде потешко да се најдат тоа аглесто лице и сите тие карактеристики. Но, снимката на Сара пристигна веднаш и беше прилично јасно. Ја монтиравме со руса коса и тоа помогна да добиеме претстава како би изгледала како русокоса. Но, изведбата, харизмата, мистериозноста, таа донесе сè со неверојатен дијапазон. Се истакна и ја доби улогата“, вели Џејкобсон.
Пронаоѓањето на Џон Кенеди Џуниор, од друга страна, било неверојатно тешко. Тимот барал типичен заводник од 1990-тите.
„Беше многу тешко затоа што тој тип на убавина некако излезе од мода. Да се најде момче со влакна на градите е речиси невозможно. Брзо сфативме дека ни треба филмска ѕвезда од 1990-тите. А, денешните филмски ѕвезди не се градени на ист начин. Тоа е поинаков тип на машкост“, изјави една од директорките на кастингот Никол Даниелс.
Таа сличност со вистинската личност била клучна, можеби повеќе за Џон отколку за Каролин.
„Тој беше јавна личност од моментот кога се роди и секој има претстава како изгледаше“, вели Даниелс.

Разгледале речиси илјада лица за улогата, проширувајќи го изборот и надвор од традиционалните актери, во обид да го најдат совршениот наследник на семејството Кенеди. Тимот бил фокусиран на тоа да најде ново лице што може да го отелотвори ликот.
„Постојано се враќавме на списокот и се прашувавме кого сме пропуштиле“, вели Даниелс.
И така се истакнал Пол Ентони Кели, модел од мал град во Канада со ограничено актерско искуство. Откако направил пробно читање со Пиџон за да ја проверат хемијата помеѓу нив, станало јасно дека го нашле својот Џон.
„Штом го споивме со Сара, беше неверојатно јасно дека Пол е вистинскиот. Кога ги видовме заедно, нивните хемија и природност, иако имаат многу различни позадини, беа очигледни. Тој веќе почнуваше да се откажува од глумата затоа што не знаеше дали навистина ќе успее, но манекенството му одеше добро. Веднаш си се допаднаа. Имаа хемија“, вели Џејкобсон.
Во серијата играат и Грејс Гамер како Каролин Кенеди, Наоми Вотс како Џеки Кенеди Оназис, Алесандро Нивола како Келвин Клајн и Сидни Лемон како Лорен Бесет. Серијата од девет епизоди се прикажува од 12 февруари на „Еф-Икс“, а достапна e за стриминг на „Хулу“ и „Дизни+“.
(Фото: Еф-Икс)