ФЕСТИВАЛОТ МАКЕДОКС СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ГРАЃАНСКИТЕ ИНЦИЈАТИВИ „СУПОРТ КОЧАНИ“ И „СПАС ЗА ДОШНИЦА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“, Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс се отвори по 16. пат, синоќа (21 август) во Куршумли ан, со високо кренати главици кромид во рацете на екипата и волонтерите, како традиционален поздрав до публиката.

„Во овие осум дена, на пет различни локации, ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три денови со документарната индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни“, рече Сара Ферро, раководителка на индустриската програма.

„Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема“, кажа Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Двајцата изразија особена благодарност до две граѓански иницијативи. Првата е „Супорт Кочани“ за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“ кои, како што рекоа, неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.

На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј сет на Шурбе.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на МакеДокс, а може да се симне и фестивалската апликација.

(Фото: МакеДокс)