Од утре (29 септември) до 6 октомври во Скопје ќе се одржува 7. издание на Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, во организација на Кафе и филм „Котур“.
Организаторот најавува програма со меѓународна и национална селекција, 48-часовен филмски предизвик, специјална проекција на „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева, филмологот и филмска критичарка која почина на 5 септември, како и концерт на „Луфтханза“ пред Дом на АРМ, интервјуа, изложби, храна и музичка програма.
Официјалната филмска програма вбројува скопски премиери на македонските филмови „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ, „Избор“ во режија на Марко Црногорски, „Остров“ во режија на Бранко Костески, „Зајак“ во режија на Ханис Багашов и „Сенките на месечината“ во режија на Тина Величковиќ.
И оваа година официјалната селекција на кратки филмови ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески” . Жирито го сочинуваат: режисерката Дина Дума, актерката Кристина Леловац и режисерот Трифун Ситниковски.
Влезот за целосната програма e слободен.