Денеска (8 септември) во Македонскиот културен центар во Загреб почнува Фестивалот на македонски филм, со кој Амбасадата на Македонија во Хрватска и КИЦ во Загреб, во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на Град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска ќе го одбележат Денот на независноста. Фестивалот трае до 30 септември.
Отворањето е посветено на почетоците на македонската кинематографија со проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки. Ќе бидат прикажани и четири долгометражни и четири кратки играни филма од реномирани македонски режисери, меѓу кои се Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.
Тие ќе бидат прикажани во киносали во 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија.
Фестивалската програма ќе биде дополнета со изложбата „Македонски филмски плакат 1952-2022“ и богат филмско-архивски материјал.