Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски неделава ќе ја има својата африканска премиера, а за првпат ќе се прикаже и во Португалија.
Африканската проекција ќе се одржи на меѓународниот филмски фестивал „Зума“ во Абуџа, главниот град на Нигерија. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова е неговото 15. издание, кое се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“.
Прикажувањето во Нигерија значи дека „Јон Вардар“ пристигна на сите континенти.
Филмот се најде и во изборот на деветтиот „АнимаПИКС“ во Португалија, каде што ќе ја одбележи својата португалска премиера.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои пет награди. Сценариото и режијата се на Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.