Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ќе ја има својата азиска премиера на крајот на месецов, на 11. издание на филмскиот фестивал Бакунава во Манила, Филипини.
Фестивалот, кој го носи името на митска морска змија од филипинскиот фолклор, е специјализиран за жанровски филмови: научна фантастика, хорор и анимација.
„Чест ми е што филмот ќе биде прикажан токму на фестивал кој го носи името на едно толку моќно и мистично суштество од фолклорот. Пред десетина години работев на проект каде што главниот негативец беше огромна морска змија, па ова го сметам за еден вид митска коинциденција. Имаме уште неколку селекции во Азија, кои дополнително ќе ги објавиме“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор.