Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја освои својата прва награда откако беше прогласен за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по оние во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што ‘Јон Вардар‘ ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
„Јон Вардар против галаксијата“ во изминатиот период беше прикажан и на фестивали во Шпанија, Италија и Грузија.