ПРЕДОЛГО ВЕРУВАВ ДЕКА НЕ СУМ АКТЕРКА ЗА НАГРАДИ, КАЖА ДЕМИ МУР ПО ТРИУМФОТ НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Откако „освои“ три златни малини за најлоша актерка, Деми Мур го доби првото признание за својата кариера на 62 години. Мур, која беше една од најпопуларните актерки во 1990-тите, лани го имаше големото враќање во Холивуд со хоророт „Супстанција“, што ноќеска ѝ го донесе Златниот глобус за најдобра актерка во категоријата комедија/мјузикл.

Бев на многу ниско ниво пред да ја добијам улогата во ‘Супстанција‘“, призна Мур, примајќи ја наградата.

Во филмот на француската режисерка Корали Фарже, кој имаше премиера во Кан, Мур глуми ТВ-ѕвезда на залез на кариерата која прифаќа да земе мистериозна супстанција, претворајќи се во своја помлада и поубава верзија. Работите потоа излегуваат од контрола.

Го работам ова долго време, повеќе од 45 години и ова е првпат да освојам нешто како актерка. Пред 30 години, еден продуцент ми кажа дека сум актерка за лесни филмови и во тоа време мислев дека не ми е дозволено да добивам награди, дека можам да снимам филмови кои се успешни и заработуваат многу пари, но за кои не ми следуваат признанија. Толку поверував во тоа, што мислев дека веќе сум го направила тоа што требаше да го направам. И кога бев на многу ниска точка, го добив ова волшебно, храбро и несекојдневно сценарио и универзумот ми кажа дека не сум готова“, кажа Мур.

Ова ѝ беше трета номинација за Златен глобус, но прва од 1997. Шест години пред тоа беше номинирана за филмот „Дух“, филм кој ја вивна во холивудска ѕвезда.

(Фото: Гети)