Режисерот и сценарист Гоце Цветановски доби награда за специјален придонес во филмот и филмската индустрија на Фестивалот на српскиот филм на фантастика во Белград. Тој беше главен гостин на 19. издание на фестивалот, каде што му беше врачена специјалната награда Коскар.
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност“, изјави Цветановски.
Тој е автор на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ и има режирано 15 епизоди на анимираната серија „Светот на Биби“. Неговиот следен проект е долгометражниот филм за Биби и Боби, „Златната пеперутка“.