„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио на 28 декември 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ.
Денес (28 декември), се навршува 81 година од основањето на Македонското радио. По тој повод, Канал 103 ќе има целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“.
Отворената програма ќе ја поврзе радио архивата со современите, експериментални пракси и новите генерации автори, со посебен акцент на разновидноста на гласови и формати.
Свои настапи во живо ќе имаат „Член 16“ и Александар Ордев.
Во соработка со „Радио МОФ“ и „Моно-тон“ ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025. Програмата започнува во 13 часот и ќе трае до полноќ. Ќе се емитува и на „Кашмир радио“ од Берлин, во рамките на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и на ФИЈУК, саемот на независно издаваштво.
Програмата може да се следи и онлајн на двете радија. Од 2019, „Канал 103“ работи без сопствена фреквенција, но и понатаму континуирано и посветено придонесува кон јавниот културен простор преку радио-продукција и поддршка на современата музичка и културна сцена.