ЛАЗАР РИСТОВСКИ Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „МЕТО ЈОВАНОВСКИ“ НА ФЕСТИВАЛОТ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Чтвртотото издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран, а годинава лауреат на наградата „Мето Јовановски“ е Лазар Ристовски.

„По вторпат ова година ќе ја доделиме наградата ‘Мето Јовановски’ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, на актер од Балканот и Медитеранот. Лауреат на фестивалот ќе биде големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски. Човек кој во својата речиси петдецениска кариера беше и уште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот. Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е ‘Јазол’ а другиот е ‘Збогум на 20. век’, но игра и една од позначајните ролји во култниот филм ‘Буре барут’ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски“, рече директорот на фестивалот, Јани Бојаџи на денешната прес-конференција.

На првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен Ристовски, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со него  во кој ќе може да се вклучи и публиката.

Фестивалот и годинава во текот на 5 фестивалски денови ќе го промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и културата, а програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.

Филмовите ги селектираше Небојша Јовановиќ, а ќе се прикажат: „Новата година која никогаш не дојде“ на Богдан Муресану, Романија, „Кога летото ќе замине“ на Данис Тановиќ (БиХ), „Месо“ на Димитрис Накос, „Било каде, било кога“ на Милад Тангшир, Италија,„Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, Србија и „Мали палави девојки“ на Уршка Џукиќ, Словенија.

На затворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Стелиос“ на Никос Казанзикис, со жирито ќе претседава минатогодишниот лауреат на Гран-при за најдобар медитерански долгометражен филм, режисерот Христос Пасалис од Грција, а членови ќе бидат и двајца филмолози и филмски критичари од Македонија и од регионов.