Тренерот на Пари Сен-Жермен, Луис Енрике, доживеа огромна трагедија во 2019, кога неговата деветгодишна ќерка Сана почина од рак. Енрике вели дека таа ќе му биде голема инспирација кога денеска (31 мај) ќе го предводи ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите против Интер.
Шпанецот веќе ја има освоено Лигата на шампионите како тренер, со Барселона во 2015, кога по мечот славеше со Сана на теренот. Вели дека многу би сакал да го повтори тоа сеќавање овој викенд во Минхен.
„Мојата ќерка сакаше забави и сигурен сум дека, каде и да е, сѐ уште се забавува. Имам неверојатна фотографија од неа од финалето на Лигата на шампионите во Берлин, каде што го носи знамето на Барселона на теренот. Посакувам да го направам истото со ПСЖ. Мојата ќерка нема да биде таму, но ќе биде. Нема да биде физички, но ќе биде духовно и тоа ми е многу важно“, кажа 55-годишниот Енрике.
Семејната трагедија се случи додека Енрике беше селектор на Шпанија. Во јуни 2019 се повлече од функцијата за да биде со семејството. Сана почина два месеца подоцна.
Тој стана тренер на ПСЖ во 2023 и во првата сезона го одведе до полуфиналето на ЛШ. Оваа сезона отиде чекор подалеку, иако во меѓувреме си замина главната ѕвезда Килијан Мбапе.
„И покрај сите спортски успеси, времето поминато со ќерка ми е нешто најдрагоцено и затоа се сметам за многу, многу среќен човек. Сана е жива, таа е тука зашто секој ден збориме за неа, се смееме и се сеќаваме. Верувам дека нѐ гледа“, кажа Енрике.
(Фото: АП)