„Очекував да влезам во топ 40“, вели 20- годишната студентка Чарна Невзати од Скопје, која ја претставуваше Македонија на изборот за Мис на светот, сношти (31 мај) во Хајдерабад, Индија.
Новата Мис на свет е Опал Суката Чуангри од Тајланд. Чуангри беше на врвот од 108 кандидатки од целиот свет, и ја доби круната од минатогодишната победничка Кристина Пишкова од Чешка.

„Иако очекував да влезам во првите 40, многу сум среќна што имав чест да го доживеам ова незаборавно искуство. Разочарана сум малку, но овој избор ми донесе повеќе позитивни моменти и не би се осврнувала на пласманот. Сепак, ова е животна шанса“, ни рече Невзати од Индија.
Водителки на Мис на светот кој се одржа по 72. пат беа Стефани дел Вале, Мис на светот за 2016 од Порторико и индиската водителка Сачиин Кумбхар.
Мис на светот и минатата година исто така се одржа во Индија. Шест Индијки ја освоија титулата досега, вклучувајќи ги Реита Фарија (1966), Ајшварија Раи (1994), Дијана Хејден (1997), Јукта Муки (1999), Пријанка Чопра (2000) и Мануши Чилар (2017).

Чарна Невзати е студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Двоен победник е на ораторскиот натпревар ,,Иво Пухан”, кој се одржува со години на Правниот факултет.
„Моја најголема цел е да станам успешен правник кој ќе се бори за правда и ќе направи позитивна промена во општеството. Верувам дека убавината и интелектот не се спротивставени, туку се совршена комбинација кога се користат со вистинска намера“, ни рече Чарна Невзати пред финалниот избор и додаде дека Македонија ќе стане видлива на светската мапа.
М. ЏАРОВСКА