МЛАДИТЕ ПОД 30 ГОДИНИ ВО ЛИТВАНИЈА СЕ НАЈСРЕЌНИ НА СВЕТОТ, СТУДИРАЊЕТО ИМ Е БЕСПЛАТНО И ВЛАДАТА ИНВЕСТИРА ВО НИВ

Литванија, (Гардијан)

Литванија се најде на првото место во годинашниот Светски извештај за среќа за лицата под 30 години. Младите се оценија себеси со 7,76 од можни 10 на скалата на среќата, што е доста пред Британија и САД, кои се на 32. и 62. место на оваа листа.

Додека извештајот алармираше за благосостојбата на младите луѓе на запад, кај младите во Литванија состојбата е поинаква. Универзитетот е бесплатен за повеќето студенти, економијата напредува, а клупската сцена е богата. Затоа не е чудно што младите во Вилнус се насмеани.

Истражување од 2019 покажа дека само 5% Британци знаеле повеќе за Литванија од нејзините име и приближна локација.

„Кога разговарам со луѓе од други градови, сфаќам колку сум среќна“, вели уметницата Џолита Ваиткуте.

Литванија за денешните млади е многу поинаква од онаа во која пораснале нивните родители. Минатата година просечната бруто-заработка во земјата се зголеми за 12,6%, а 57% од населението има високо образование. Просекот во ЕУ е 43 проценти.

Зградата на поранешниот затвор Лукишкеш сега е претворена во комплекс студија за уметници и концертни сали (Фото: Гардијан)

23-годишната режисерка Симона Јуркувенајт рече дека е пресреќна што добила 21.000 евра од литванската влада за да го режира нејзиниот дебитантски краток филм за тинејџерите во земјата.

„Во Светскиот извештај за среќата се намалува јазот помеѓу Источна и Западна Европа во однос на нивното просечно задоволство од животот. Како што тој јаз се намали, сега младите се значително посреќни во Централна и Источна Европа отколку постарата генерација“, вели професорот Џон Хеливел.

Зградата на поранешниот затвор Лукишкеш, изградена во 1905, сега е претворена во комплекс студија за уметници и концертни сали.

„Кога разговарам со пријателите од други места, како Париз, Токио и Лондон, сфаќам колку сум среќна што имам свој простор“, додава Ваиткуте.