АНСАМБЛОТ „РАСПЕАНИ ВАЛАНДОВЧАНИ“ ПОСТХУМНО ДОДЕЛИ ПЛАКЕТА ЗА МИРКО ПОПОВ ЗА ИДЕЈАТА ДА СНИМАТ ПЛОЧА ПО 50 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вчера (4 септември) во преполната киносала во Валандово, ансамблот „Распеани валандовчани“ го промовираше новото винил издание, второ во својата 50-годишна историја.

„Настанот во организација на Општина Валандово и во соработка со ансамблот беше повеќе од промоција. Беше ретроспектива, концерт, почит кон корените и спомен на луѓето кои оставија траен белег на македонската музичка сцена. Настанот беше осмислен како наративно и визуелно патување низ историјата на ансамблот, од 1974 година, кога излезе неговата прва плоча, па сè до денес. Прикажани беа архивски фотографии, снимки и документи и куси видеосведоштва од првите учесници во снимањата и сегашните соработници на ансамблот“, велат од тимот на ансамблот.

Ансамблот додели плакети „Леонида“ како благодарност кон македонските културни творци, заслужни за нивните две плочи. Меѓу нив се Јонче Христовски, Леонид Манчев и Костадин Костадиновски, заслужни за издавање на првата плоча во рамките на проектот на ТВ Скопје, „Распеани градови“.

Новата плоча на „Распеани валандовчани“ ја издава „ПМГ џез“. Плакети добија и музичкиот раководител на ансамблот Петар Ризов, креативниот тим на проектот: Владан Дробицки, кој ги реализираше снимањето, миксот и мастерингот на винилот и Костадин Танчев-Динка, кој го дизајнираше омотот на изданието, како и неговиот иницијатор Мирко Попов, кој почина во 2024.

„Му оддаваме почит и огромна благодарност на Мирко Попов, кој со својот индивидуален печат го обликуваше современото лице на македонската музичка сцена како композитор, изведувач, продуцент и издавач, придонесувајќи Скопје и земјава да бидат достоен центар на урбаната култура“, рече на промоцијата Зоран Стојчев, претседател на ансамблот.

(Фото: К. Петков)