Бед Бани стана првиот музичар во 68-годишната историја на Греми кој ја освоил наградата за најдобар албум испеан целосно на шпански. Тој ја доби наградата за својот шести албум „Debí Tirar Mas Fotos“, победувајќи ги Лејди Гага, Кендрик Ламар и Сабрина Карпентер.
Триесет и едногодишниот Порториканец, кој следната недела ќе настапи на полувремето на Супербоулот, ја посвети наградата на имигрантите, но и други музичари на церемонијата во Лос Анџелес ги критикуваа актуелните мерки против имиграцијата што ги спроведува владата на Трамп.

„Ја посветувам наградата на сите луѓе кои мораа да го напуштат својот дом, својата земја, за да ги следат своите соништа. Ние не сме дивјаци, не сме животни, не сме странци, ние сме луѓе и ние сме Американци“, рече Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Окасио.
И Били Ајлиш, која третпат во кариерата ја доби наградата за песна на годината, се огласи за актуелните случувања во САД.
„Никој не е илегално на украдена земја. Чувствувам дека само треба да продолжиме да се бориме, да зборуваме и да протестираме. Нашите гласови навистина се важни, луѓето се важни“, кажа Ајлиш, па извика „Е*и се ИЦЕ“, алудирајќи на озлогласената Агенција за имиграција и гранична контрола чии агенти убија двајца американски државјани во Минеаполис оваа година.
(Фото: АП)