КОНЦЕРТ СО ШЛАГЕРИ ОД МАКЕДОНИЈА И ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА ВО РАМКИТЕ НА СКОПСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 22 јуни од 20:30 часот, кај Македонскиот народен театар ќе се одржи концертот насловен „Шлаг шлагери – Ко некад у 8“, кој е во рамките на фестивалот Скопско лето.

Ќе настапи оркестарот на уметничкиот центар „Полифонија“, составен од 20-ина уметници, класичари и џез инструменталисти. Со пркестарот ќе пеат Вера Јанковиќ, Андријана Јаневска (фото), Ана Петановска, Маја Панчева, Денис Димоски и други. Гостин од Србија е оперскиот пејач и универзитетски професор Оливер Њего, кој е роден и се школувал во Скопје

На програмата се 20 безвременски песни со оркестарски аранжмани од Ѓорѓе Марјановиќ, Јадранка Стојаковиќ, Арсен Дедиќ, Бисера Велетанлиќ, Драган Стојниќ, Здравко Чолиќ, Оливер Мандиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалковски, Маја Оџаклиевска и други.

Со настанот се одбележуваат 20 години постоење на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, кој е организитор заедно со „Полифонија“.

„Настанот е топол осврт кон фестивалскиот феномен во регионот и градската култура. Преку легендарните мелодии од поранешна Југославија, настанот е патување низ времето и различните културни трендови“, велат организаторите. 

Влезот е слободен.