БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР ОДРЖА ОДЛИЧЕН КОНЦЕРТ ВО ХЕРАКЛЕЈА СО ЧЕТИРИ ГОСТИНКИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Спектакуларен концерт синоќа во Хераклеја одржаа Битолскиот камерен оркестар „IWConnect“ и гостинките, светски познатата виолончелистка Ана Руцнер од Хрватска (фото), оперската певица од Косово Зана Абази-Рамадани и македонските оперски пејачки Виолета Арсовска, сопран со богата музичка кариера и Јаворка Витанова, млада оперска дива.

Гостуваа оперските пејачки Зана Абази-Рамадани, Виолета Арсовска и Јаворка Витанова (Фото: СМАРТ СДК.МК)

На концертот „Цветна симфонија“ Хераклеја беше преполна до последно место, а гостите од Македонија и странство уживаа во повеќе од двочасовната класична музичка изведба, која ги славеше љубовта, уметноста, традицијата и природната убавина.

Публиката беше воодушевена од магичната изведба на хрватската виолончелистка Ана Руцнер, на која ова ѝ беше деби на македонската музичка сцена. Досега имала 1.000 настапи во над 30 земји низ светот. Добитничка е на над 30 домашни и меѓународни признанија и позната е по својот иновативен и уникатен пристап во изведбата на класичната музика, која ја збогатува со модерни и етноелементи. Нејзината кариера опфаќа соработки со музичари како Хосе Карерас, Питер Суаве и други. Ја претставуваше Босна и Херцеговина на Евровизија во 2016.

Фото: (СМАРТ СДК.МК)

На пет минути пред крајот на концертот заврна дожд. Дел од публиката замина, но диригентот на Оркестарот Владимир Димовски соопшти дека музичкото уживање не завршува, па изведбата продолжи и понатаму за оние кои останаа до крај.

Ж. ЗДРАВКОВСКА