Слушачка промоција на вториот албум на џез дуото „Омерагиќ-Спировски“ насловен „Слобода“ ќе се одржи денеска (20 јуни) во музичката продавница „re:start“ во ГТЦ со почеток во 16 часот. Албумот е 111. издание на „Шарла рекордс“.
Зад дуото стојат Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, кои соработуваат веќе долго време, што ги вклучува проектите „Фајтинг виндмилс“, „Светлост“ и „Одрон ритуал оркестра“. Првиот албум како дуо го објавија во 2020, исто така за „Шарла“.
„Ако во тој материјал ги артикулираа музичките страсти на две пијана, овде се во својата матична инструментална поставка – контрабас и тенор саксофон/кларинет. Во нивниот авангарден авторски израз ќе сретнете влијанија на панкот, фри џезот, анархизмот и борбата за работничките права“, се вели во најавата на албумот.
Албумот е снимен во тонското студио „Кларион“ од Дејан Ангелевски, а продуценти се двајцата автори.