ДОН КИХОТ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА МУЛТИМЕДИЈАЛЕН НАСТАН ПО ПОВОД НАЦИОНАЛНИОТ ДЕН НА ШПАНИЈА НА 21 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 21 октомври од 19 часот, во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи мултимедијалниот настан „Дон Кихот во Скопје“, што ќе опфати концерт со премиера на македонско дело, изложба на слики и скулптури и промоција на книга во чест на славниот витез Дон Кихот. Настанот е организиран од Амбасадата на Шпанија во Скопје по повод Националниот ден на Шпанија, 12 октомври.

Автори на концертот за пијано, гитара и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“ се Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска-Имери ќе настапат камерниот оркестар „ИД“ и солистите Дино Имери на пијано, Ади Имери на гитара и Тина Иванова како наратор и автор на текст. Напишан во 2025, главна инспирација на авторите било познатото книжевно дело „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес.

Ќе бидат изложени слики од познатата колекција „Дон Кихот“ на македонскиот уметник Владимир Георгиевски (1942-2017), како и нови скулптури од младата уметница Јана Николовска.

Книгата за деца „Дон Кихот“ на македонски јазик е издадена во 2017, но сега повторно се актуелизира по повод Националниот ден на Шпанија. Станува збор за илустрирана книга, која на 40 страници ја раскажува оригиналната приказна на Сервантес, но во скратена форма и адаптирана за младите читатели.