Новоформираниот Градски мешан хор „Балтепе“ од Тетово на 5 април од 12.30 часот ќе одржи уникатен велигденски концерт во пештерата во тетовското село Јегуновце, насловен „Блесоглас“.
„Она што го прави овој настан специфичен е локацијата, концертот ќе се одржи во уникатниот амбиент на пештерата во Јегуновце“, вели диригентката и основачка на хорот Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
Како солисти настапуваат Бети Никлеска, Снежана Кузмановска, Слободан Ѓорѓевски, Жарко Настоски и Ана Мирчевска-Календар, во придружба на Душко Дембоски (пијано) и Мартин Лазаревски (хармоника).
„Публиката ќе има можност да слушне богата и разновидна програма. Ќе се претстават и гостите од КУД ‘Извор’ од Јегуновце, а програмата опфаќа дела од класични и современи автори, како Стефан Гајдов, Глигор Кондовски и Добри Христов, но и светски познати композиции“, додаде таа.
Градскиот мешан хор „Балтепе“ е формиран во септември 2025 на иницијатива на група граѓани и ентузијасти од Тетово и досега има одржано неколку концерти. Ѓорѓеска вели дека во него членуваат хористи од најразлични возрасти кои ги поврзува една цел – љубовта кон хорската музика.
Јасмина Ѓорѓеска-Каро е долгогодишна диригентка и добитничка на наградата „Георги Божиков“ за 2024 за најуспешна изведба на дела од македонски композитори. Има добиено први награди на меѓународни фестивали во Австрија, Босна и Херцеговина и Грција, работејќи со реномирани состави, како хорот на Националната опера и балет и хорот „Вардар“.
М. ЏАРОВСКА