И ТРАДИЦИОНАЛНАТА МУЗИКА МОЖЕ ДА БИДЕ МОДЕРНА, РЕЧЕ ЗАРИНА ПРВАСЕВДА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Многу сум среќна што ќе можам да ѝ покажам на публиката дека и традиционалната музика може да биде модерна, но да го задржи традиционалниот дух“, рече пејачката Зарина Првасевда на прес-конференција во Скопје пред нејзиниот концерт „Кадифено“, што ќе се одржи утре (20 декември) од 19:30 во Филхармонијата.

На прес-конференцијата требаше да дојдат и гостите од Турција, Џенк Ердоган, кој свири гитара без прагови и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, но поради маглата во Скопје нивниот лет доцнеше.

„Ги запознав овие уметници кои се успешни во светски рамки во август, кога ме поканија да одржам петдневен семинар во Кападокија во Турција и со задоволство ќе ги презентирам пред публиката утре. Немавме можност да вежбаме многу, но ние музички се разбираме и без многу проби. Она што тие го можат на сцената е чудесно“, рече пејачката.

Концертот е промоција на новиот музички проект на Зарина Првасевда, „Кадифено“, за кој рече дека го нарекла така затоа што овој концерт ќе биде помек од оној во истата сала во 2022, кога го промовираше албумот „Ехо“.

„Овој концерт е кадифен затоа што ќе биде со помек звук, посвилен, поакустичен и се надевам, побогат. Јас како музичар од независната сцена, ако се свртам наназад, имав и подеми и падови, но среќна сум за ова што со моите соработници го постигнав денес. Музиката треба да расте и да се надградува за да може убаво да се раскаже“, рече Зарина Првасевда.

На прес-конференцијата беа и нејзините соработници од Македонија кои ќе свират на концертот, Андреа Мирческа на контрабас, која неодамна магистрираше во Белград и Тони Арслан, кој е професор по виолина.

Концертот е во организација на „Друга страна“.

М. ЏАРОВСКА