ЈА ОПЕАВ ЉУБОВТА НА МОМО НИКОЛОСКИ И НЕГОВАТА СОПРУГА ВО НОВАТА БАЛАДА, ВЕЛИ СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Денот пред да заминеш“ е насловена новата песна на Сузана Турунџиева, балада во која пее за љубовта на починатиот пејач Момо Николоски и неговата сопруга Валбурга Батева-Николоска (фото).

Турунџиева вели дека песната станала потполна со гостувањето на дел од хорот на ансамблот „Танец“ и на женскиот хор „Фрида“, кој таа го води.

Текстот за песната го напиша Батева-Николоска, која по професија е психолог, музиката и аранжманот се на Сашо Ливрински, а спотот го режираше Кузман Клековски.

Момо Николоски со сопругата Валбурга (Фото: Фејсбук)

„Уште пред две години ми беше доделена улогата да ја опишам нивната љубов во песна, ама да ги испеам и болката и празнината на неговата Буги, која знам колку многу и искрено ја сакаше. Сигурна сум дека Момо не се плашеше од смртта толку колку што се плашеше дека ќе ја остави сама. Во неколку наврати, уште додека не знаев дека има здравствени проблеми, тој ми имаше напоменато да ја чувам Буги, да бидам покрај неа. Маестро Ливрински направи беспрекорна мелодиска линија за овој текст, преполн со болка и тага, во која многу сликовито ја има доловено безусловната и искрена љубов на која сите бевме сведоци. Тие не беа само брачни партнери, тие беа најдобри пријатели. Се гледаа со очи полни со љубов и разбирање. Таква љубов веќе нема, не сум сретнала“, ни рече Турунџиева.

Пејачката и наставничка по музичко вели дека со чест и гордост ја отпеала оваа балада, која ја нарекува ода за љубовта и го замолила Ливрински да вметне и хор во аранжманот, со цел песната да добие уште повеќе на тежина.

Во песната гостуваат женскиот хор „Фрида“ и дел од хорот на ансамблот „Танец“ (Фото: Фејсбук)

„Така се вклучија и дел од хорот на ‘Танец’ и моите ‘Фриди’ и приказната стана потполна. Се надевам и верувам дека сега од горе Момо пее со нас и знае дека не е заборавен“, ни рече Турунџиева.

Момо Николоски почина од рак на 3 јуни 2019, а песната се промовираше на шестгодишнината од неговата смрт. Роден е во Струга во 1957, каде што во 1980-тите прво почнал да пее поп музика, а подоцна и фолк на домашните фестивали. Има глумено во серијалот „Македонски народни приказни“. Во 2018, колегите организираа хуманитарен концерт за негово лекување.

М. ЏАРОВСКА