ЈЕЛЕНА ТОМАШЕВИЌ ЌЕ СЛАВИ 20-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 8 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската поп-пејачка Јелена Томашевиќ ќе прослави 20-годишен јубилеј со концерт во Скопје на 8 март, меѓународниот ден на жената, објави продукција „Прагма“. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет од 20 часот.

Томашевиќ лани во јануари на концертот во Филхармонијата доби силен аплауз откако ја испеа „Судбо моја“, македонската народна песна која своевремено ја пееше Васка Илиева. Томашевиќ ја има оваа песна на репертоарот на концертите откако ја испеа како преработка на албумот на Гарабет Тавитјан и браќата Тавитјан, „Македонското срце чука во 7/8“.

„Ова е мојата омилена македонска народна песна. Оние кои ми ја следат кариерата знаат дека почнав како пејачка во КУД ‘Абрашевиќ‘ и отсекогаш ја негувам изворната музика“, рече пејачката на концертот.

Нејзината песната „Утро“ (Јутро) во август во 2024 на фестивалот „Охрид фест“ ја доби наградата Песна за сите времиња.

Јелена Томашевиќ важи за еден од најдобрите женски вокали во популарната музика во регионот. Најмногу се прослави откако на Евровизија во 2008 година во Белград, со песната “Оро“ го освои шестото место. Жељко Јоксимовиќ ѝ направи албум со етно-поп музика, и тие песни се и денес нејзините најголеми хитови, како и песните кои ѝ пишува и продуцира македонскиот композитор Дарко Димитров. Томашевиќ често снима во студиото на Димитров и приватно се блиски пријатели. Таа е сопруга на актерот Иван Босиљчиќ и ја имаат 13-годишната ќерка Нина.

 

Фото: К.Попов