Кантавторот Јон Ајди го објави новиот сингл „Знај го ова засекогаш“ (Know It Always), за кој вели дека е интимна и топла песна снимена за американската издавачка куќа „Нвак колектив“.
„Оваа песна ја напишав во момент кога бев вљубен и навистина се чувствував сакан. Сакав да го фатам тој миг и да го зачувам засекогаш. За мене, тоа беше и момент на редефинирање на значењето на љубовта“, вели Ајди.
Песната го најавува претстојниот албум, на кој работи со „Нвак колектив“.
Ајди е кантавтор од Скопје кој снима инди-поп музика и вели дека инспирацијата ја добива од „Битлс“ и Леонард Коен. Во 2022 беше еден од шестемина финалисти во изборот на македонски претставник на Евровизија.
Ајди има потпишано договор со американската издавачка куќа „Нвак колектив“, како и со продукциската куќа „Мјузик плејграунд“ од Њујорк.