ЌЕ ПЕАМ СО ЉУБОВ ЗА СИТЕ, ВЕЛИ НЕЛА МАНЧЕВСКА ПРЕД НАСТАПОТ НА ДЕТСКАТА ЕВРОВИЗИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Нела Манчевска вечерва (13 декември) ќе ја претставува Македонија на 23. Детска Евровизија што ќе се одржи во

Тбилиси, Грузија, со песната „Чудо“ (Miracle). За песната чии автори се познатиот продуцент Лазар Цветкоски и Магдалена Ена-Цветкоска која го напиша текстот, Нела претходно рече дека е приказна за храброста, надежта и вербата во себе.

14-годишната основка, која учи во деветто оддделение во „Вера Циривири-Трена“ вчера ја имаше генералната проба од која е многу задоволна.

„Вчера генералната проба помина одлично и навистина сум пресреќна. Ми се допаѓа целиот проект и сè што создадовме заедно. Изминатава недела имавме многу проби, но секоја вредеше. Запознав многу нови пријатели и искрено уживам во дружењето со останатите учесници. Многу сум благодарна за огромната поддршка што ја добивам од целата делегација, ми значи повеќе од сè. Ве поканувам сите денеска од 17 часот да го гледате директниот пренос на МТВ1 и да ја видите целата љубов што ја вложивме за овој настап. Песната вечерва ќе ја испеам за сите вас и за Македонија“, ни рече Нела Манчевска. Пртеходно, таа кажа дека отсекогаш ѝ била голема желба да ја претставува Македонија на Евровизија, а годинава тој сон ѝ се остварил.

Младата пејачка досега има учествувано на многу натпревари за пеење, а кога имаше 12 години, го воодушеви жирито на хрватското шоу „Суперталент“ со хит на Витни Хјустон.

Нела како фаворит на публиката минатата година победи на натпреварот „Песните на Тоше“ кој се одржа во Националната опера и балет.

Таа ја испеа „За овој свет“, песната која Тоше ја сними во 2004, кога беше амбасадор на УНИЦЕФ и им ја посвети на децата. Вечерва, таа настапува со реден број десет, а сите кои сакаат да ја поддржат можат да гласаат на овој ЛИНК.

М. ЏАРОВСКА