Легендарниот германски диџеј и продуцент Свен Фет ќе настапи на годинашниот Таксират, кој првпат воведува втора вечер посветена на електронската музика. Таа ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“, ден по традиционалниот Таксират.
Шеесетгодишниот Фет е една од најважните и највлијателни личности во светот на современата електронска музика. Како еден од пионерите на сцената, Фет придонесол таа да се развие и во Германија и на Ибица. Кон крајот на 1980-тите го отворил клубот „Омен“ во Франкфурт, кој често се нарекува родното место на техното во Германија.
Првиот сингл го објави во 1986, а првиот соло албум во 1992, по што продолжи да ја популаризира електронската музика.
Како голем поддржувач на винилот, Фет на своите настапи пушта исклучиво музика која е објавена на плоча.
(Фото: Фејсбук)