Актерката Весна Петрушевска го водеше хуманитарниот концерт „Во спомен на љубовта за Данче“, во чест на менаџерот Даниел Милошески, еден од одсновачите на продукцијата „Авалон“, кој ненадејно почина на 15 јули 2014. Сите пари од влезниците од концертот се донираа за болните од цистична фиброза.
Петрушевска зборуваше за тешкотиите на пациентите кои се борат со оваа болест, но и за свесноста за борбата со ракот, откако и самата неодамна објави дека се оперирала од рак на дојка.
„Октомври е месец на борба против ракот на дојка. Треба да ви биде мантра, вие убави и умни жени да се грижите за себеси, зашто никој нема да ви каже фала. Секои шест месеци ехо, секоја година мамографија. И само оние што се гибнати ги погодуваат такви работи. Мене уште не знам што да ме стрефи, да ви кажам. Ајде, удри уште еднаш, двапати, нема проблем. Ама, кога ќе си отиде некој е доцна. И затоа, секој ден да си го живеете животот и да го славите животот, а не да се повлекувате“, рече Петрушевска.
Таа зборуваше и за нејзините спомени со Милошески. Го нарече многу убав и умен човек.
„Тоше многу му веруваше. Беше малку скржав на насмевка, но кога ќе се насмееше, тоа беше од срце. Со него секогаш бевме на сигурно. Ако нешто не можеше да се одработи и треба да се одложи, ќе се јавеше и ќе кажеше“, рече Петрушевска.
Концертот го организираа „Скај мјузик“ и семејството на Даниел Милошески, сопругата Наде и ќерките Даниела и Дарија. Настапија повеќе пријатели со кои соработувал и кои на друг начин биле поврзани со него, а на видеобим се прикажуваа слики од Милошески со балканските и светските ѕвезди со кои работел. Бени Шаќири раскажа интересна приказна за познатиот менаџер.
„Имавме свирка во еден локал и по неа ми пријде Даниел и ми рече дека вечерва сме го извадиле од кожа. Ми кажа дека оваа песна речиси никој ја нема во репертоарот, дека е негова песна. Да беше тука вечерва, сигурно ќе сакаше да му ја свириме“, кажа Шаќири и со својот бенд „Нон стоп“ ја отсвире „Не ме гледај така и не ме љуби веќе“ (Ne gledaj me tako i ne ljubi me više) од „Бијело дугме“.
Тој упати апел до, како што кажа, „оние горе“ повеќе да се занимваат со болните од цистична фиброза, и воопшто со пациентите со ретки болести.
„Да не ги трошиме парите на глупости, да помогнеме“, кажа Шаќири.
Кристина Арнаудова е долгогодишна семејна пријателка на семејството на Даниел Милошески и се присети на нејзината свадба со сопругот Александар Петровски.
„Бевме многу расположени на нашата свадба, но бендот според закон смееше да свири само до еден часот. Даниел им пријде и им рече: ‘Ако не свирите уште малку, никогаш повеќе нема да засвирите‘“, рече Арнаудова низ солзи.
„Ареа“ настапи последна, а вокалот Ружица Милошеска-Брчиоска рече дека со Даниел Милошески биле другари од деца, зашто потекнуваат од ист град, Гостивар, и дека долго време соработувале во „Авалон“.
Настапи и „ДНК“, а Владимир Блажев-Панчо се присети дека Милошески починал истата година кога и неговата мајка по борба со ракот.
Концертот во име на болните деца од цистична фиброза го отвори хорот на „Златно славејче“ со песната „За сите деца“. Ана Петановска испеа три евергрини заедно со брат ѝ Стефан на гитара и кажа дека нејзиниот татко бил пријател со Милошески. Настапија и Пајак, Лара и Агни Авшар, а музичарот Николче Мицевски рече дека Даниел Милошески му дал комплетната доверба да го продуцира албумот на Каролина Гочева, „Македонско девојче 2“. Сите музичари ги следеше „Поп арт бенд“, чија пејачка Моника изведе неколку обработки, а заедно со Ана Петановска ги пееше придружните вокали.
Весна Петрушевска се сети на времето кога немало апарати за кислород кои им се потребни и на лицата со цистична фиброза. Заедно со Тоше Проески, кој тогаш бил гостин во нејзината емисија „Вртелешка“, купиле кревет за Детската клиника за Александар, младо момче кое починало од оваа болест. Тој исто така гостувал во емисијата, а се лекувал на Детската клиника.
Младата актера Мелани прочита монолог посветен на лицата со цистична фиброза, а Весна Петрушевска порача дека сите кои се борат со каква било болест сакаат да ги третираат нормално, а не како да се инвалиди.
М. ЏАРОВСКА