По повод 30 години од хитот „Виолина и гитара“, со кој дуото Дуле и Коки победи на фестивалот Макфест во 1996, виолинистот Никола Јанков-Коки ќе одржи концерт на 14 ноември во Филхармонијата.
„Неверојатно е дека поминаа 30 години од тој Макфест, кога Дуле и јас како тотални анонимуси победивме на фестивалот со кој пораснавме како деца родени и израснати во Штип. На концертот ќе ги пееме сите песни кои некогаш ги испеа Дуле и кои секогаш ги пеевме во ист глас со публиката на сите наши настапи. Ќе имам и гости, драги долгогодишни пријатели“, најавува Коки.
Од вчера (22 март), тој започна со промоцијата на новиот двоен албум, кој е насловен по една од песните на Дуле и Коки, „Навикни на промени“. Јанков испеа нови верзии на некогашните хитови, кои во живо ќе ги слушнеме на концертот.
„Секој понеделник ќе објавувам по две песни и две видеа. Првите две песни се ‘Навикни на промени’ и ‘Залудно е да се напијам’. Голема благодарност до сите кои учествуваа во овој проект. Воедно, најавуваме концерт во Филхармонија по повод 30 години ‘Виолина и гитара’.
Картите ќе бидат пуштени во продажба во април“, објави виолинистот на социјалните мрежи.
Пејачот на дуото Душан Љубисављевиќ-Дуле почина од рак на 23 септември 2013. Во септември 2023, Коки направи концерт во Домот на млади во Штип, каде што го имале првиот настап.
М. ЏАРОВСКА