ДИЏЕЈОТ ОД АВСТРАЛИЈА ДОКТОР ПАКЕР НАПРАВИ НОВА ВЕРЗИЈА НА ПЕСНАТА „НЕБЕСНО“ НА ЧЕТКАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Песната „Небесно“ (Heavenly) на Владимир Василевски-Четкар е снимена во нова верзија, во соработка со диџејот и продуцент Доктор Пакер од  Австралија.

Песната беше оригинално издадена во 2014 на истоимениот албум на Четкар и освен во Македонија, се промовираше и во Унгарија, Италија и Јапонија. Во тоа време, ја преработи и францускиот продуцент Димитри од Париз.

„Новиот ремикс од Доктор Пакер се искачи на врвот на листата на музичката платформа ‘Traxsource’, a австралиското радио ‘Стрит саунд’ и англиското радио ‘Солар’ ја прогласија за песна на неделата“, велат од тимот на охридскиот џез-гитарист.

Четкар вели дека неговата песна „Охрид“, за која ремикс направи Доктор Пакер, се слуша во дискотеките во светот, а во Велика Британија е одлично прифатена.

„Се радувам што македонскиот јазик за првпат се слуша во британските ноќни клубови и тоа песна за Охрид“, кажа гитаристот.