„Оејзис“ вечерва (4 јули) ќе излезат на сцената во Кардиф, со што ќе ја започнат долгоочекуваната повратничка турнеја. Враќањето на рокерите од ерата на бритпопот по 16-годишна пауза е голем момент за фановите, но предвидувањата се неизвесни кога станува збор за браќата Ноел и Лијам Галагер.
„Тоа е една од атракциите на ‘Оејзис’, тие го носат тој елемент на ризик“, рече музичкиот новинар Џон Ејзлвуд.
Освен ако нестабилната и избувлива врска на браќата не ги попречи настаните, двете вечери на стадионот „Принсипалити“ во Кардиф, со капацитет од 70.000 гледачи, ќе ја кренат завесата на турнејата „Во живо 2025“, која содржи 19 настапи во Велика Британија и Ирска. Потоа доаѓаат настапи во Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Австралија, завршувајќи во Сао Паоло на 23 ноември.
„Оејзис“ се распаднаа во 2009, кога Ноел Галагер го напушти бендот по караница со Лијам зад сцената на фестивал близу Париз. Браќата Галагер, кои сега имаат 58 и 52 години, оттогаш не настапувале заедно, иако редовно свиреле песни од „Оејзис“ на своите соло настапи. Тие долго време се спротивставуваа на притисокот за обединување, дури и со ветување за мултимилионска премија, иако Лијам беше поотворен за идејата.
(Фото: АП)