ОВА ГО ЧЕКАВ 23 ГОДИНИ, РЕЧЕ БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ НА ПРВИОТ СОЛИСТИЧКИ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бојана Скендеровски го одржа првиот солистички концерт вчера (13 декември) во Филхармонијата во Скопје. „Ова го чекав 23 години“, рече на почетокот поп-пејачката која почна да пее во талент шоуто „М2“, а потоа како дебитант победи на Макфест во 2003.

„Кога настапив првпат на Макфест бев студент. Татко ми ми рече дека нема да настапам ако не положам испит прво. ‘Ако сакаш да пееш на Макфест ќе учиш’, ми кажа татко ми. Макфест за мене е светост. Победата кога бев дебитант ми го отвори патот, а потоа со радост му се враќав“, рече поп-пејачката и го поздрави татко ѝ во публиката. Пеејќи ги првите песни „Љубов се пишува, љубов се брише“ и „Око мое“ со која настапи на Охрид фест во 2003, таа рече дека за концертот е направена нова, реге верзија. Речиси на секоја песна имаше танчари, што го нарави концертот повесел. Песната „Круна“ од 2020 ја посвети на нејзиното семејство, сопругот Васко, ќерката Искра и синот Ѓорѓи. Ќерката ѝ подари цвеќе на почетокот од концертот.

Фото: К.Попов

„Кога го родив син ми, се мислевме со каква песна да се вратам по неколкугодишната пауза. Ја избравме ‘Круна’, која е посвета за моето семејство. Овој убав текст го напиша Сара Пројковска, која е на небото, и сите ја мислиме“, рече Бојана за Сара Пројковска која загина во пожарот во Кочани на 16 март, пеејќи како придружен вокал на „ДНК“. Ана Костадиновска, Теа Богатинова и Ивана Серафимовска ја придружуваа како вокали на овој концерт.

Бојана Скендеровски и Ламбе Алабаковски (Фото: К.Попов)

Нејзите пријатели, Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски и Сузана Спасовска беа гости. Со Ламбе, Бојана направи уште едно убаво сеќавање на 2000-тите во дуетот „Во дилема“ кој во 2008 го испеа заедно со Роберт Билбилов и со Тони Зен. Делот на Тони Зен го рапуваа таа и Ана Костадиновска.

Сузана Спасовска ја испеа „Параходот“, а Миле Кузмановски неговиот хит „Не кани ме“.

Дел од гостите беше Миле Кузмановски (Фото: К.Попов)

„Да си вечна и долговечна, да ти се множат хитовите, да ти се множат концертите“, рече Сузана Спасовска. Концертот насловен „Бесмртна“ заврши со преработките на народните песни кои Бојана и колегите ги испејаа на албумите „Македонијо, во срце те носиме“.

М. ЏАРОВСКА