Длабоко политички ангажиран концерт одржа „Масив атак“ синоќа (28 јуни) на Стадионот на АРМ во Градски парк во рамките на „Скопје колинг“. Иако пионерите на трип хопот ретко објавуваа нова музика во изминатите 15 години, ова беше најголемиот од нивните три досегашни концерти во Скопје, а својата поширока актуелност и релевантност ја одржуваат преку агресивна критика на светот во кој сега живееме.

Концертот го отвори Дина Јашари, веројатно најдоброто нешто што во моментов може да го понуди македонската независна музичка сцена. Максимално дорасната на предизвикот да настапи пред така големо име како „Масив атак“ и така голема публика, Јашари и нејзиното трио со еден збор беа совршени. Музички модерна, гласовно беспрекорна, младата кантавторка едноставно уживаше во моментот и во получасовниот настап.

„Масив атак“ знаеја да бидат дистракција на самите себеси. Пренесувајќи пораки и информации преку видеоартот на големиот екран зад нив, на моменти беше тешко да се фокусираш на самата музика. Акцентот во голема мера беше ставен на страшната судбина на Газа, на што се надоврза дел од публиката извикувајќи „Слобода на Палестина“, додека снимките од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предизвикуваа најгласно „уа“.

Од музички аспект, „Масив атак“ понудија и емоција и жестина и драматичност, спојувајќи електроника и моќни гитари во уникатен грув во едно и полчасовниот сет. На турнеја поведоа и некои свои стари соработници, па гостинските вокали ни дојдоа како бонус награда, секој специфичен на свој начин. Елизабет Фрејзер е секако најпозната меѓу нив, не само како глас од мегахитот „Teardrops“, туку и како пејачка на „Кокто твинс“. Фрејзер испеа четири песни, занемувајќи ја публиката со нежноста на својот глас.
Концертот беше во организација на „Авалон“.
Г. КОНЕВ
Фото: К. ПОПОВ