Вечерва (15 декември) во 19 часот, во библиотеката „Браќа Миладиновци” во Скопје започнува првиот фестивал на гајдата во Македонија, „Гласот на гајдата“.
Иницијатор и организатор е гајдаџијата Стефче Стојковски (фото). Фестивалот е посветен исклучиво на гајдата и гајдаџиите, а ќе настапат неколку генерации на гајдаџии, татковци и синови, дедовци и внуци. Фестивалот има ревијален карактер, а влезот е слободен.
Стефче Стојковски е искусен музичар на изворни народни инструменти. Љубовта кон нив ја наследил од неговите дедо и татко, долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли. На седум години почнал да свири кавал, а на девет ја снимил првата аудиоснимка. Во 1997 го формирал својот ансамбл на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“.