„Кога ја снимивме првата песна немавме пари за професионално студио. Имавме камперска маса со чадор во студиото. На чадорот ставивме јаболија и така направивме импровизирана глува соба“, рекоа браќата Дарко и Жарко Масларковски на прославата на 30 години од основањето на рап дуото „Пука козметика“ вчера (13 декември) во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Славењето почна со подкаст кој од позадина го водеше радиоводителот Јово Брамс. На почетокот, раперите со едноминутно молчење му оддадоа почит на прилепскиот рапер Скипи, кој почина пред неколку дена, а требаше да биде дел од гостите.
„Нашата прва плоча се печатеше во Софија, и бевме самите да ја земеме до бугарската граница. Волкот е дебел во вратот зашто сам си ја врши работата. Гледајќи ги тамошните рапери и колку спонозори имаат, научивме дека од рапот може да се живее“, рекоа браќата Масларковски кои во основно училиште ја основале првата рап група.
Многу гости, пријатели на дуото дојдоа на подкастот, на преслушувањето на реизданието на првата плоча по него, и на концертот во дансинг салата на МКЦ со кој заврши скопското славење на јубилејот.
На концертот, како што „Пука козметика“ претходно кажаа, добија шанса и квалитетни млади рапери како гости.
„По 13 декември се влегува во студио, се снима нов албум и се организира голема турнеја низ цела Македонија. Се надеваме дека ќе поминеме барем 15 града“, рекоа од „Пука козметика“.
М. ЏАРОВСКА