Рио де Жанеиро не се само плажите Копакабана и Ипанема и статуата на Исус. Рио е меѓународно познат и по својата музика, како и по продавници за плочи.
Маурисио Гувеја, сопственикот на една таква продавница во областа Ботафого, вели дека е добро запознат со фактот оти луѓето сакаат да потрошат многу време во неговиот дуќан.
Тој отворил продавница за плочи и книги во 2001 година. Во почетокот, плочите биле една третина од сите продажби, бидејќи ЦД-то ја губело битката со спуштањето музика од интернет.
Во меѓувреме, Марсио Роша и Бруно Алонсо ја отвориле „Тропикалија дискос“ во 2003 година, само за плочи.
„Одлучив да ја отворам ‘Тропикалија‘, бидејќи отсекогаш сум ги сакал плочите, а веќе имав ЦД-продавница“, вели Роша.
Зошто да купите плоча во 2017-та, кога секоја песна е на дофат со едно притискање со прстот на смартфон? Хеитор Тенгрос има теорија, стоејќи пред продавницата „Тракс рекордс“.
„Плочите мора да ги негувате. Да ги чистите пред да ги слушате и мора да ја смените страната на секои 20 минути. За музичарите, создавањето плоча е креативен процес, затоа што мора внимателно да се одбере редоследот на песните, вклучувајќи ги првата и последната“, вели тој.
Никој од оние кои поседуваат продавница за плочи не ги критикуваат ЦД-та или стримингот на музиката. Тие не се против технологијата, иако Тенгрос вели дека “никој не ја слуша музиката кога свири од лаптоп, бидејќи секогаш истовремено прави и нешто друго“.
Мала е шансата дека плочите ќе се продаваат во милиони примероци, како што беше во ‘80-те, но тие покажуваат знаци на живот поради носталгија и стил.
Иако плочите се стара школа како машините за пишување, сопствениците велат дека многу млади луѓе меѓу 20 и 25 години влегуваат во нивните продавници. Доаѓаат и многу странци, посебно Американци, кои се во потрага по ретки плочи.
„Моите странски клиенти знаат што сакаат, но никогаш не одбиваат да слушнат некој нов звук. Затоа грамофонот во ‘Тропикалија‘ можат да го користат сите. Бразилска музика се бара повеќе отколку што може да се испорача“, вели Роша.