Рита Ора на емотивен начин му оддаде почит на Лијам Пејн како водителка на годинашното доделување на европските музички награди на Ем-Ти-Ви (EMA) во Манчестер, речиси еден месец по смртта на ѕвездата од „Уан дајрекшн“. Ора соработуваше со Пејн на нивниот хит сингл „За тебе“ (For You) од 2018, а гласот ѝ трепереше додека се сеќаваше на него, нарекувајќи го „еден од најљубезните луѓе што го познавав“. Таа притоа носеше темен костум, што беше во контраст со оптимистичкиот тон на остатокот од церемонијата.
„Само сакам да издвојам момент за да се сетам на некого кој ни беше многу, многу драг. Неодамна го загубивме и тој беше голем дел од светот на Ем-Ти-Ви и од мојот свет“, рече Ора.
Тејлор Свифт ја продолжи својата светска доминација со тоа што стана првата личност која трипати ја освоила наградата за најдобар изведувач во 30-годишната историја на ЕМА. Свифт освои четири награди, но не беше во Манчестер за да ги прими, а меѓу другите добитници беа Реј, Сабрина Карпентер, Тајла и Бенсон Бун.
ЕМА наградите се одржаа во Велика Британија за првпат од 2017, а Ора беше водителка третпат.