Сашо Гигов-Гиш ќе добие награда за безвременски хит на Охрид фест-Охридски трубадури за песната „Самовилска свадба“, која ја испеа на Скопскиот фестивал во 1998.
Таа година, на Скопскиот фестивал се избираше првиот македонски претставник за Евровизија, која се одржа во Бирмингем, Англија. „Самовилска свадба“, чии автори се Григор Копров и Јордан Данаиловски, го освои второто место. Победи Владо Јаневски со „Не зори зоро“, исто така песна на Копров, што го направи првиот македонски претставник на Евровизија.
И за третопласираната песна тогаш музиката ја напиша Григор Копров, „Дај ми шанса“ на Дуле и Коки.
„Искрено ќе кажам дека таа вечер бев и среќен и несреќен. Ми беше драго што победија Владо и неговата голема популарност, но несреќен затоа што не победи Гиш, зашто знам дека со ‘Самовилска свадба’ на Евровизија ќе направевме лом. Со самата песна и вокалот и имиџот на Гиш имавме нешто многу уникатно. Таа песна остана евергрин и драго ми е што ќе ја слушнеме на Охрид фест“, вели директорот на фестивалот Григор Копров.
Охрид фест ќе се одржува во две вечери на сцената на Долни Сарај во Охрид. На 29 август е фолк вечерта, а следниот ден е интернационалната вечер. Меѓу гостите на фестивалот е и српскиот кантавтор Оливер Мандиќ.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Јутјуб принтскрин