Отворен е нов јутјуб канал „Битолски музички незаборав“ посветен на златните години на битолската и македонската музика. Каналот го отвори продуцентот Панде Димитровски, кој беше дел од екипата која во минатото го правеше познатиот детски музички фестивал „Си-До“.
Каналот ги обединува сите песни од фестивалот „Си-До“ од 1991 до 1996, кога се испеаја некои од најпопуларните детски хитови како „Визба стара и гитара“, „Ние сме Македонци“, „Наставничке, пријателке“, „Наташа од трето три“, „Баксуз“ и други. Дел од содржината се и песните од „Здраво генијалци“ од 1996 до 2000, проектите на „Си-До ФМ“ од 2001 и 2002 и музичкиот настан „Незаборав“, кој се одржува од 2010.
„Ова е место каде што песните не се забораваат, туку повторно оживуваат и сведочат за едно време исполнето со музика, фестивали и искрени емоции. Овој канал не е само збирка песни, туку вистинска музичка архива и враќање во времињата кога фестивалите беа настан, а песните се слушаа и се паметеа со генерации“, вели Димитровски.
Посебно место на каналот имаат битолските музичари кои оставија силен печат во историјата на градот и македонската сцена, како Сашка Петковска, Пепи Бафтировски, Јонче Христовски, групата ‘Конзули’ и други.
„’Битолски музички незаборав’ е повик до сите љубители на македонската музика да се потсетат, да споделат и да го чуваат музичкото наследство кое не смее да се заборави“, рече Димитровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА