СО РАДОСТ ПЕЕВ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ВО БРИСЕЛ, НА ПРОСЛАВА НА МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА НА НАТО ПО ПОВОД 8 СЕПТЕМВРИ, ВЕЛИ ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Елена Петреска вели дека е среќна што пеела на прославата на Денот на независноста во Брисел, што ја организирала македонската делегација на НАТО.
„Прославата се одржа на 22 септември во Брисел, во Градското собрание на плоштадот Гран Плац, во прекрасен амбиент на палатата. Настапив со три македонски песни, на покана на македонскиот амбасадор во НАТО и амбасадорот во ЕУ. Ги испеав ‘Јовано, Јованке’, ‘Македонско девојче’ и ‘Ако згрешам нека изгорам“, ни рече Петреска, која речиси две години со семејството живее во градот Монс, 60 километри од Брисел.

Поп-пејачката, која долги години беше вработена во хорот на Националната опера и балет, вели дека им е убаво во Монс, кој е град на уметноста, со прекрасни автентични градби, посебно во центарот. Во Белгија се преселиле поради работата на сопругот Андреј.

Елена Петреска на прославата на Денот на независноста во Брисел (Фото: Приватна архива)

„Многу ми беше драго што имав шанса да настапам на овој настан во Брисел, но и пред две недели на интернационалниот фестивал Шејп фест, каде што сите членки на НАТО ги претставуваат културата и традицијата на својата земја. Кога си надвор од својата земја, чувството за претставување на традицијата и културата се зголемува, исто така и одговорноста. Кога живеев во Македонија го немав тој порив, веројатно зашто опкружувањето ни е природно и сите го имаме тоа чувство на припадност, но откако сум тука, се трудам одговорно да ја претставувам нашата држава, не само јавно, туку и преку секојдневната комуникација со интернационалната средина во која живеам. Се обидувам на сите да им ги пренесам нашите вредности и убавината на нашата земја“, ни рече Петреска, која е мајка на Михаел (11) и Софиа (9).

Во Монс, таа предава пијано и соло пеење на млади талентирани ученици.

Петреска со бендот настапи на итернационалниот фестивал Шејп фест, каде што сите членки на НАТО ги претставуваат културата и традицијата на својата земја (Фото: Приватна архива)

„Минатата година имавме претставување на традицијата за чаеви од Македонија, заедно со претставници од други земји. Во меѓувреме, предавам соло пеење и пијано, нешто во што уживам заедно со моите ученици и се радувам на секој нивни успех. Најголемиот фокус ми е пеењето, во моментов со бендот ‘Ривајндерс’, со кој веќе имаме настапи на значајни настани во Белгија“, ни рече Петреска.

За синот и ќерката вели дека одлично се снаоѓаат на училиште и на активностите кои ги посетуваат. Иако за многу работи се во предност, животот е поразличен за нив во Белгија и не може да се замени со ништо слободата која ја имаат во Македонија, вели пејачката, која е по потекло од Прилеп.
„Можам да забележам дека странците со внимание ја слушаат македонската музика и го впиваат секој тон. Така беше и на Шејп фест, каде што иако пеев на македонски, луѓето со внимание го слушаа целиот настап, кој траеше еден час“, вели Елена Петреска.

М. ЏАРОВСКА