„Остани“ е новата песна на поп-пејачот Горан Наумовски, која ја сними по пауза од седум години. Автор на музиката и на текстот е Митко Чешларов, а аранжманот е на Кристијан Габроски.
„Песната е дел од поголем проект наречен ‘Лицата на љубовта’, во кој учествувавме повеќе пејачи. Проектот ги разработува темите за љубовта, страста и осаменоста од различна перспектива и кој како индивидуално ги доживува. Проектот треба да се промовира во ноември, на кој ке бидат изведени и самите песни“, ни рече Наумовски.
По пауза од седум години, тој летово ја сними кавер верзијата на песната „Прости ми“ од Маја Оџаклиевска и ја промовираше како гостин на интернационалната вечер на Охрид фест-Охридски трубадури.
„Ова е прва авторска песна што ја снимам по седум години. Драго ми е што имав можност да ја снимам песната ‘Остани’, која ги опишува емоциите во љубовта од машка перспектива, дека и мажите имаат стравови и несигурности и се ранливи. Оваа песна претставува исповед на интерните мисли во однос на љубовта, меѓутоа онаа вистинска, зрела љубов“, вели Наумовски, кој работи во Националната опера и балет.
Пејачот вели дека мелодијата, текстот и одличниот аранжман му дале голема инспирација да се врати во студио и по подолга пауза да сними нови песни, кои се веќе во план.
„Песната звучи модерно и има убав текст, што за мене е доволна инспирација да дадам своја емоција во изведбата. Максимално сум задоволен од крајниот резултат, се надевам дека ќе им се допадне на слушателите и дека секој од нив ќе се пронајде во текстот или во дел од него“, ни рече Горан Наумовски.
М. ЏАРОВСКА