„Битолски оркестар Дива“ вечерва (15 декември) ќе одржи два новогодишни концерти во Центарот за култура во Битола, првиот од 19, а вториот од 21 часот. Оркестарот традиционално пред Нова година го одржува концертот „Виена во Битола“, еден од најпрепознатливите битолски музички настани.
Новогодишниот концерт има долга историја во Битола и претставуваше важен дел од културниот идентитет на градот. По паузата што траеше неколку години, „Битолски оркестар Дива“ (Битолски камерен оркестар) овој настан повторно го врати на сцената.
Концертот доаѓа по „Цветна симфонија“ во Скопје, настанот кој ја наполни Филхармонијата на 30 ноември.
Ќе настапат „Битолски оркестар Дива“, Камерен оркестар на Битола, Марија Наумовска-Бакрески, Јелена Јовановиќ од Србија,Тамара Ангеловска и првенци и солисти од Националната опера и балет и мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“.
„Публиката ќе ужива во најпознатите виенски валцери и полки, како и во настапите на уметници од Македонија и регионот. Ќе диригира маестро Владимир Димовски, чии визија, посветеност и долгогодишно искуство повторно го вратија новогодишниот концерт на местото што му припаѓа, меѓу најценетите културни традиции на Битола“, велат организаторите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА