ВОЗБУДЕНА СУМ ПРЕД ШОУТО НА РТС ВО БЕЛГРАД, ЌЕ ПЕАМ И ПЕСНА ВО ЧЕСТ НА БЕТИ ЃОРЃЕВИЌ, ВЕЛИ АНА ПЕТАНОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Ана Петановска ќе има свое шоу на Српската радиотелевизија, на третиот канал, кое ќе се емитува вечерва (30 декември) од 20 часот.

Петановска ќе настапи со бенд од познати српски музичари во рамките на програмата „РТС Клуб“ со репертоар од светски поп-рок хитови, песната „Далечини“ (Даљине) од Маја Оџаклиевска и „За нас почнува живот“ од Даниела Панчетовиќ. Во чест на џез-пејачката Бети Ѓорѓевиќ, која е родена во Куманово, а почина на 20 јануари во Белград, Петановска ќе ја испее нејзината песна „Големото срце мое“ (Велико срце моје).

„Имав голема желба да снимам нова верзија на оваа песна и сакав да се сретнам со Бети Ѓорѓевиќ за време на мојот претстој во Белград, но, за жал, не ми се оствари желбата. Затоа ќе пеам песна во нејзина чест“, ни рече Ана Петанoвска.

„Многу сум радосна за оваа можност да настапам на РТС. Чувствувам голема одговорност, а возбудата е голема да пеам покрај врвните музичари и да доловиме една џез атмосфера“, додаде пејачката.

Во студиото на РТС ќе ја придружуваат Љубомир Туралија на саксофон, Иван Алексијевиќ на клавир, Милан Павковиќ на контрабас и Петар Радмиловиќ на тапани.

„Ана Петановска веќе двапати настапуваше во Србија, на реномираниот фестивал Белградска пролет, каде што беше пречекана со голем интерес и позитивни реакции од стручната и пошироката јавност. Овие настапи ја потврдија нејзината позиција како интерпретатор со јасен музички идентитет и впечатлив и уникатен вокал со регионален потенцијал“, велат од тимот на младата пејачка, која е еден од нашите најдобри женски вокали, што се докажа на настапите на многуте концерти со оркестри.

Ана Петановска на пробата во студиото на РТС во Белград (Фото: Г. Наумовски)

Во моментов, Петановска интензивно работи на својот нов албум, кој „Кроација рекордс“ треба да го издаде во март.

Ана Петановска и Дадо Топиќ победија на фестивалот Бисер на Јадранот во Тиват во јули 2025. Една од најталентираните млади македонски пејачки и легедарниот хрватски рокер освоија прва награда за песната „Небо“, за која музиката ја напиша Григор Копров, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот на Стефан Петановски, братот на Ана.

Петановска во август лани освои награда за најдобра интерпретација на фестивалот Далматинска шансона во Шибеник со песната „Само љубовта постои“, со музика на Григор Копров, текст на Роберт Пилепиќ и аранжман на Стефан Петановски.

М. ЏАРОВСКА