Хрватските поп-пејачи Нина Бадриќ и Тони Цетински ќе одржат заеднички концерт во Скопје на 28 ноември во салата „Борис Трајковски“, објави продукцијата „Прагма“.
Цетински е еден од најпознатите хрватски кантавтори и повеќекратен добитник на наградата Порин. Го сними дуетот „Слатки звуци“ (Dolce Suono) со тенорот Хозе Карерас, што го промовираа на концерт во Загреб во 2007. Како гостин на Мајкл Болтон, тој настапи на концерти во лондонскиот „Ројал Алберт хол“, а познат е и по дуетот со Тоше Проески „Нѐ лажеше малата“ (Lagala nas mala), кој го снимија во 2005.
На регионалната сцена Нина Бадриќ е активна од 1996 и има издадено десет студиски албуми. Во 2023 и 2024 во Скопје ја испеа нејзината верзија на македонската народна песна „Не кажувај либе добра ноќ“, што ја сними за албумот на браќата Тавитјан, „Македонското срце чука во 7/8“ од 2012. Народната песна тогаш ја остави за бис, па се расплака додека фановите ја пееја заедно со неа.
Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на Купи карта.