На 12 јуни во 20 часот во Театарот „Антон Панов“ во Струмица, премиерно ќе се изведе претставата „Синот“ по текстот на Флоријан Зелер, а во режија на Благој Мицевски. Претставата е во чест на одбележувањето 30 години актерска дејност на Кољо Черкезов.
Сценографијата е на Мицевски, драматург е Ацо Хогов, а преводот на Јадранка Стефкова.
Играат: Кољо Черкезов, Јасмина Вучкова, Јулија Милкова, Михаил Велков, Ванчо Василев и Томе Витанов.
Костимите се на Ванчо Василев, музиката на Марјан Неќак.
Претставата „Синот“, работена според истоимениот текст на „еден од највозбудливите драмски писатели на денешницата“, Французинот Флоријан
Зелер, е семејна приказна која нѐ соочува со проблемот на адолесцентската депресија.
„Проблем кој кај најблиските предизвикува различни реакции. Или негово непрепознавање и непризнавање. Или страв и трагичка интуиција за она што допрва ќе се случи. И во обата случаи – збунетост која ги нарушува постоечките односи во семејството при што страдањето на единката се открива како загадочна тајна.
Од моментот на нејзината праизведба во 2018, преку појавата на филмот ‘Синот’ од 2022 , пиесата на Зелер не престанува да биде предизвикувачка за театрите низ светот, а во последно време и за театрите во регионот. Претставата на Струмичкиот театар е прва постановка на ‘Синот’ на македонската театарска сцена“, велат од „Антон Панов“.
(Фото: НУЦК „Антон Панов“)