НАД МИЛИОН ЛУЃЕ ГО СЛУШАЛЕ ПОДКАСТОТ ВО КОЈ ТЕЈЛОР СВИФТ ОБЈАВИ ДЕКА НОВИОТ АЛБУМ ИЗЛЕГУВА НА 3 ОКТОМВРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Тејлор Свифт сподели информации за својот нов албум и својот приватен живот гостувајќи во подкастот на нејзиното момче Тревис Келси. Таа објави дека нејзиниот 12. албум „The Life of a Showgirl“ излегува на 3 октомври и покажа како ќе изгледа омотот.

Повеќе од 1,3 милиони луѓе се вклучиле во живо во подкастот, што Келси го води со својот брат Џејсон.

Свифт откри дека албумот го напишала додека беше на турнејата „Ери“ и додека настапувала во Шведска, редовно се враќала во Европа за да го снима. Притоа кажа дека на албумот ќе има 12 песни, а на насловната песна гостува Сабрина Карпентер.

Албумот ја раскажува приказната за сè што се случуваше зад завесата од моето време на турнејата“, кажа Свифт.

Запрашана зошто одбрала да се појави во подкастот кој првенствено е наменет за спортски фанови, Свифт кажа:
„Овој подкаст ми донесе дечко. Тревис го користеше како своја лична апликација за запознавање за да се поврзе со мене“.

Пред да се запознаат, Тревис во подкастот воодушевено зборуваше за тоа како присуствувал на еден концерт на Свифт и бил разочаран што не можеле да се сретнат.

Ова претставува промена за мегаѕвездата, која ретко дава интервјуа, туку споделува новости за својот живот преку текстови на песни, кои се анализираат од фанатичните обожаватели.