„ОВА НЕ Е НОРМАЛНО“, ЗАЕДНИЧКИ СТЕНДАП НА МАРЈАН ЃЕОРЃИЕВСКИ И БОЈАН ВЕЛЕВСКИ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)
На 4 август од 21 часот, комичарите Бојан Велевски и Марјан Ѓеорѓиевски ќе одржат заеднички стендап настап во Античкиот театар во Охрид насловен „Ова не е нормално“.
„Ќе го кажат сето она што сите го мислат, но ретко кој го кажува гласно. Апсурдни бирократски процедури, семејни ситуации кои сите сме ги живееле, пропаднати институции. Со други зборови, нашето секојдневие, со генијална доза на хумор“, вели организаторот, продукцијата „Прагма“.
Оттаму најавуваат квалитетна продукција со осветлување, режија, сценографија и целосно нов материјал, специјално подготвен за оваа вечер. Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.