СО ЕМИСИЈАТА „ТРАФИКА“, ЌЕ СЕ ТРУДАМ ПУБЛИКАТА ПОВЕЌЕ ДА СЛЕДИ КУЛТУРА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ НЕНАД ВЕЛКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Професорот по шпански јазик, Ненад Велковски е автор и водител на новата емисија за култура, „Трафика“ која се емитува на МТВ 1 секоја недела од 18.30, со реприза во четврток од 13.30.

Досега, гости беа диригентката Бисера Чадловска, балетскиот првенец Васил Чичиашвили и актерот Ивица Димитријевиќ, а Велковски вели дека во следните две емисии ќе гостуваат две исклучително успешни уметници.

„Името ‘Трафика’ е дадено токму поради она минато време, кога луѓето во трафиките наоѓаа сѐ, од весници и списанија до мастики. Тие трафики тогаш беа еден вид прозорец кон светот, не само затоа што продаваа списанија од секаков вид, туку и зашто луѓето комуницираа со продавачите од трафиките, а и меѓусебно кога ќе се сретнеа таму, бидејќи тоа беше неизбежен дел од секојдневието, да се ‘тркне’ до трафика, па макар по цигари.

Идејата на емисијата е гледачите да се запознаат со културата и уметноста во земјава, преку гостувања на секаков вид уметници, но пред сѐ да се запознаат со животот и работата на овие уметнички дејци. Еден вид портрет на уметници од нашите театари, филмски уметници, музичари, сликари, вајари, балетски уметници, фотографи, па и графити уметници“, вели Велковски.

Целта на оваа емисија е да се поттикне почесто следење на културните настани.

„Ова е и отворен повик до сите оние што сметаат дека треба да бидат претставени како уметници, а немаат друг медиум. Затоа отворив и посебна адреса на која можат да ми пишат [email protected]. Концептот на емисијата е целосно мој, целата подготовка, па дури и сценските реквизити се моја замисла и изведба. Јас, како професор во студиото за јазици ‘Каста Дива’, веќе 27 години се трудам да ги запознаам моите ученици со сите видови уметност, а културата на нашата и на земјите каде што се зборува шпанскиот јазик е неизбежен дел од часовите. Како дипломиран турколог и италијанист, како и со специјализација на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид за професори по шпански јазик, мојата професорска работа носи со себе огромна одговорност, не само јазичка, туку и културолошка. Пред да станеме специјализиран центар по шпански јазик, предавав и турски и италијански јазик, така што часовите по култура, уметност и цивилизација беа навистина обемни и сеопфатни. Мојата работа како книжевен преведувач исто така е многу важна за мојот развој како личност, бидејќи досега имам преведено над 30 книги од шпански на македонски јазик. Секоја една книга ми овозможуваше да ги збогатам мојот јазик и погледите кон нештата, покрај тоа што ме научија на многу нови и интересни работи. Сега, една игра на околности, ме доведе до она што го правев на 19 години, односно, повторно да застанам пред телевизиските камери и да се обидам да споделам колку што е можно повеќе уметност со нашата поширока публика“, додава Велковски.

Драго му е што реакциите на луѓето уште по првата емисија биле многу позитивни, особено за концептот на емисијата, што е голем поттик за него.

„Зад мене стои одлична екипа, морам да го споменам мојот реализатор Андреј Георгиев, кој е одличен во својата работа и е секогаш тука за да ми даде совети како и целиот тим. Секако, на почетокот ми е потребно малку време да се префрлам од мојата професорска и преведувачка работа на оваа и да бидам исто толку успешен и во овие води“, ни рече Велковски.

М. ЏАРОВСКА