Компанијата „Амазон“ ги откупи телевизиските права за „Господар на прстените“, што е нејзиниот најамбициозен и најскап потег досега, во обид да привлече гледачи на својот стриминг канал „Прајм“.

„Амазон“ објави дека ќе продуцира неколку сезони од серијата, која ќе ја следи приказната што му претходи на „Братството на прстенот“, првиот дел од прославената филмска трилогија.

Снимена на Нов Зеланд, трилогијата на Питер Џексон е еден од најуспешните филмски серијали на сите времиња, заработувајќи три милијарди долари и 17 номинации за Оскар.

Компанијата не соопшти за колку пари ги откупила правата од семејната компанија на авторот Џ. Р. Р. Толкин.

„Амазон“ почна да продуцира серии во 2010 година, постигнувајќи голем хит со „Транспарентно“, драма за татко кој на своето семејство му открива дека сменил пол. Со „Господар на прстените“, таа очекува да постигне глобален успех во стилот на „Игра на тронови“, но ова ќе ја внесе компанијата на непозната територија, каде што се бараат големи трошоци.